Дебармаалските серенади по повод Св. Трифун и Св. Валентин

Македонското здружение за култура, обичаи и традиции “Гороцвет”, Скопје ги организира 18-те Дебармаалски серенади посветени на виното и љубовта, по повод Св.Трипун и Св.Валентин. Дебармаалските серенади ќе се одржат на 13-ти и 14-ти фебруари, поточно, четврток и петок.

Дебармалски серенади стартуваат на 13-ти фебруари со почеток од 17 до 21 часот. Почнуваат со кршење “Дебармаалска погача” со песна, музика и вино. Потоа со серенади се оди по ул. “Костурски херои”, таму се одржува ритуал на поливање со вода, цвеќиња, бонбони и паричка…
Продолжуваат серенадите по улицата “Дебарца” кон кафеаната “Антица”, каде се пее и наздравува со бело и црвено вино. Во кафеаната “Идадија М” се продолжува со греана ракија песни за виното, љубовта и поезијата.

Серенадите продолжуваат во кафеаните “Скопски мерак” и “Дебармаало” каде покрај серенади и поезија се одржува и “беpoседа за виното и љубовта”. Завршниот дел е во слаткарницата “Апче” каде со серенади и поезија се засладуваат со торта и боза учесниците на 18-те “Дебармаалски серенади”.

Учесници на Дебармаалските серенади 2020 се бројни уметници, музичари, поети, Живко Поповски Цветин, “Велешки Чалгии”, Горан Алачки, Милка Ефтимова, Љупчо Ангелов – актер и гитарист, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Ристо Краповски, Атина Апостолова, Круме Спасовски, Вики Среброва, Хорот “Серенада”, Валентина Ѓоргиевска-Парго, Моника Стојанова, Тања Стоилковска, Драгица Пандиловска, Илко Димитриевски, Лидија Јеремиќ-Лучко, Горан Анчевски, Јовче Петковски, Емил Чинго и др.

Закројување на лоза и пуштање порака за мир и љубов во реката Вардар од мостот кај Жабарот ќе се случува на 14-ти фебруари (петок) со почеток во 11 часот.