Данската писателка Јане Телер ќе го промовира романот „Ништо“

 Во рамките на едицијата „Калеидоскоп“, поддржана од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, во Скопје денеска ќе гостува данската писателка Јане Телер. Авторката вечер од 19 часот во Јавна соба ќе го промовира својот роман „Ништо“ во издание на издавачката куќа „Паблишер“.

Јане Телер е современа данска писателка која во своите дела секогаш се фокусира на подлабоките животни прашања и човековата цивилизација, обработувајќи теми како религиозниот и политичкиот фанатизам, европскиот идентитет, уметноста, етичките перспективи на современиот човек. Нејзините дела секогаш предизвикуваат исклучително внимание поради контроверзноста и актуелноста, а за нивниот висок квалитет зборуваат големиот број книжевни награди и преводите на над 25 јазици.

Со својот прв роман за млади „Ништо“, Телер предизвика револуција во овој жанр. Во својот препознатлив стил, таа ни раскажува една модерна бајка за самата суштина на животот, во која главните ликови – седмоодделенци – тргнуваат во потрага по неговата смисла откажувајќи се од работите што најмногу им значат.