Дали дрвата се најевтина варијанта за затоплување на домот?

Како да се помине зимата што доаѓа? Дали домовите да се греат на струја, дрва, јаглен или парно? Ова е постојана дилема за оние домаќинства кои не се приклучени на централното греење. Дали греењето на дрва е најевтина варијанта?

Пресметките говорат дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 12 до 20 илјади денари годишно.

Во земјава повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво. Токму затоа ЈП „Македонски шуми" годишно продава од 500 до 550 илјади метри кубни огревно дрво.

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 метри кубни огревно дрво. Доколку зимата не е многу студена, за загревање најчесто се неопходни околу шест метри кубни дрва.

Инаку просечната пазарна малопродажна цена за метар кубен буково огревно дрво се движи од 2.600 до 3.200 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по метар кубен. Пресметките според овие цени говорат дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 12 до 20 илјади денари годишно.