Да внимаваат оние кои постат: Иста кифла еден ден се продава како посна, а друг ден како мрсна

Во тек се велигденските пости. Голем е бројот на верници кои го постат целиот пост и внимаваат што јадат.

Додека траат постите, особено треба да се внимава, бидејќи голем број на маркети, пекари, кафеани и пабови користат лажни трикови, каде мрсната храна се продава како посна.

Даниел е револтиран млад скопјанец кој решил да го испости целиот пост, но тој за Скопје Инфо раскажува што се забележил овие денови додека пости.

-Многу време купувам кифли во една пекара, со години е така. Ме научија веќе и продавачите што сакам. Откако започна постот почнав да купувам само посни кифли, особено се изреволтирав пред некој ден, кога една од продавачките ми рече дека таа кифла со мармалад е мрсна, а веќе јас повеќе денови ја купувам од таму како посна. “Од кога е мрсна”, ја прашав. “Таа никогаш и не била посна”, ми врати таа. До пред тој момент во истата пекара ми ја продаваа како посна кифла, раскажува Даниел, упатувајќи апел до сите оние кои постат да внимаваат од каде и каква храна купуваат, а особено да ги читаат декларациите на производите кои ги земаат од маркети.

Маркетите продаваат „посни“ производи што содржат казеин и сурутка во прав. Потрошувачите не знаат дека овие две компоненти имаат животинско потекло и дека се, практично, измамени.

За време на велигденските пости под ознака „посно“ на рафтовите се нуди храна што содржи млеко, желатин од животинско потекло, свинска маст и други мрсни состојки.

Според стручњаците, за посни производи се сметаат тие во кои млечните масти се заменети со растителни, но токму тука е манипулацијата.

Производите што содржат казеин или сурутка (во прав) воопшто не се посни бидејќи потеклото на овие две компоненти е животинско. Точно дека од млекото се одделува млечната маст и таа се заменува со растителна, но казеинот останува, и затоа производот не може и не треба да се декларира како растителен, уште помалку како посен. Слично е и со сурутката, објаснуваат стручните лица.

Сурутката е исклучително здрава, има висока хранлива вредност, ја забрзува дигестијата, ама е со животинско потекло.

Организацијата на потрошувачи (ОПМ) ја квалификува продажбата на божем посни производи како нечесна пазарна практика.

Се апелира потрошувачите повеќе да внимаваат при купувањето и секогаш да ги читаат декларациите.

Тие што постат треба да се информираат и за храната што ја консумираат во рестораните и сендвичарите, а се нуди како посна имајќи предвид дека може да биде подготвена на места и во садови во кои се готват и продукти од животинско потекло.