Црна Гора се подготвува за туристи, ќе се промовира како дестинација без корона

Црна Гора во пресрет на летото ќе гради имиџ на туристичка дестинација без опасност од коронавирус, со надеж дека така ќе привлече туристи од регионот, рече денеска директорката на туристичката заедница.

Во интервју за „Дневне новине“, Жељка Радак Кукавичиќ рече дека верува оти почетната фаза од закрепнувањето на туризмот ќе почне во јули бидејќи во светот нема да има многу дестинации без коронавирус.

„Според процените на еминентни здравствени експерти, победници во досегашната криза се земји кои се блиску до искоренување на вирусот, а меѓу нив е и Црна Гора, за која се предвидува дека ќе биде една од првите светски зони без корона“, рече Кукавичиќ.

Таа додаде дека се подготвува протокол, што ќе се применува во хотелите, приватното сместување, угостителските објекти и плажите со цел да им се обезбеди на туристите максимална безбедност. Ова првенствено се однесува на мерки за растојание, како што се распоред на масите во рестораните, лежалките на плажа и слично.

Црногорската влада денеска соопшти дека епидемијата на коронавирусот во земјата е под контрола, со тоа што во последните две недели се разболеа само три лица.