Чулев: Неумесни и паушални изјави на Шекеринска

Изјавата на вицепремиерката Радмила Шекеринска за тоа дека четири полициски службеници се заразени од ковид-19 на денот на одбележување на Денот на полицијата, преставува груба дезинформација и пласирање на лаги и невистини во јавноста, се вели во реакцијата на Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи.

„Ваквите неумесни и паушални изјави најпрво фрлаат сенка на работата на Министерството за внатрешни работи, а потоа и на професионалноста и одговорноста на полициските службеници кои целиот изминат период успешно се борат против ширењето на пандемијата во нашата држава. 

Факт е дека ваквото одбележување на која дадовме почит и признание на полициските полициските службеници од првиот ден е „трн во око“ на г-ѓата Шекеринска, а со овие неточни изјави уште еднаш се потврди тоа.
Вистината е една, а тоа дека настанот за одбележување на Денот на полицијата се случи пред 12 дена. На истиот присуствувале половина од припадниците на Единицата за брзо распоредување и вежбата која беше изведена е дел од секојдневните задачи и обврски на оваа единица. На самата вежба полициските службеници, односно припадниците на ЕБР на себе носеа потребна заштитна опрема и ја почитуваа пропишана дистанца за целосна превенција и заштита од коронавирусот.

Воедно напоменувам дека Министерството за внатрешни работи беше првата институција која набави опрема за своите припадници и која до денес е ставена на нивно целосно располагање. Здравјето и животот на вработените во МВР е најважен приоритет за мене како Министер за внатрешни работи.

Дополнително, на крајот ќе ја прашам мојата колешка во Владата ако толку многу е загрижена за припадниците на полицијата и армијата, како втор човек во Владата зошто до сега не иницира бонус плата за припадниците на МВР и АРМ кои се во првите редови во справувањето со коронавируот? Или пак таа загриженост е видлива само кога е во интерес на исполнување на дневнополитичките цели и агенди на владејачката партија.
Навистина е грубо и некоректно, политичките поени или сопствениот ПР да се гради со груби невистини поврзани со здравјето и животот на полициските службеници“, се вели во реакцијата на Чулев.