Четири современи јапонски филма во Кинотеката на Македонија

Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Јапонија во Виена и Јапонската фондација, од денеска до 28 ноември ќе организира Недела на современ јапонски филм. 

Во четирите дена со почеток од 20 часот ќе бидат прикажани четири филма жанровски разновидни и снимени во 2013 и 2014 година, а фокусирани на заедничка тема - „Динамична Јапонија“.

Циклусот вечер ќе почне со комедијата „Кралот на извинувањето“ која раскажува за професионален инструктор за извинување, а во наредните ќе бидат прикажани: акцискиот филм „Опасни женски“  - за ученички од средно училиште кои се борат со криминалци, филмот со борачки вештини „Танчарот карате кид“ кој раскажува за атракцијата Ријуку-карате во регионот Окинава, а на 28 ноември - документарецот „Филм за Накамура Канзабуро“ посветен на животот на еден од најголемите јапонски кабуки актери кој почина во 2012 година.

- Би бил среќен ако оваа филмска недела ја посетат што е можно повеќе луѓе и ако одново ја откријат Јапонија од еден поинаков  агол и го продлабочат нивниот интерес за мојата земја. Искрено се надевам дека оваа Недела на современиот јапонски филм ќе послужи за понатамошно продлабочување на врските меѓу Јапонија и Македонија, пишува јапонскиот амбасадор Макото Такетоши во каталогот за филмската недела.