Чедомир Јаневски: Задоволен сум од победата, но главниот меч ќе биде во Турција

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски, истакна дека е задоволн од одличниот резултат од 2:0 против екипата на Фенер, но исто така изјави дека неговите избраници не смеат да се опуштат, па затоа, и на гостински терен ќе се обидат да нападнат уште од првата минута.

-Задоволен сум од резултатот, пред се поради противникот кој изминативе неколку години постојано се наоѓа во групната фаза во Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Сакам да им честитам на играчите и на навивачите за пружената поддршка. Одигравме со срце, иако двата погодока помалку ги постигнавме случајно, по грешка на противникот. Овој резултат ни дава позитивна атмосфера во клубот, но не смееме да мислиме дека оваа работа тука е завршена за пласман во групната фаза. Фенер е премногу добар тим, ќе биде жесток меч во Турција, пред нивните фанови, па затоа ќе мораме максимално пожртвувано да го одиграме реваншот на гостински терен. Мораме да се фокусираме сега на првенствениот натпревар, и да ја забележиме првата победа во второто коло, каде противник ќе ни биде екипата на Победа, изјави Јаневски.