Часот на планетата Земја: Седи си дома и исклучи ги светилките

Часот на планетата Земја соопшти дека ги откажува сите јавни закажани настани согласно одлуките на Владата за заштита и превенција на ширењето на коронавирусот, и повика акцијата за исклучување на светилки, граѓаните од улиците да ја пренесат во своите домови.

–Во периоди на криза можеме да покажеме дека само ние како поединци имаме моќ да направиме промена. Во моменти кога целиот свет се обединува во борбата против уништувањето, без разлика дали се тоа смртоносни вируси, или пак климатските промени, треба да останеме смирени и фокусирани, а самосвеста да ни биде на највисоко ниво. Исклучувањето на светилките од јавните простори да го пренесеме во нашите домови и заеднички да испратиме порака за спас на планетата, бидејќи сега и е најпотребна нашата помош, истакна Ѓорги Селков, од канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија.

Поради тековната криза, Светскиот фонд за природа и глобалните канцеларии на Часот на планетата Земја ширум светот им препорачуваат на сите лица да учествуваат виртуелно во акцијата оваа година, за јавното здравје и безбедност.

-Но само поради фактот што останувате дома, тоа не значи дека не можете да имате незаборавно искуство во текот на едночасовниот мрак. Составивме список на десет работи што можете да ги направите дома или на интернет за да го прославиме Часот на планетата Земја заеднички и да помогнеме во заштитувањто на нашата планета. Едноставно исклучете ги сите непотребни светла во вашиот дом во сабота за еден час, се наведува во соопштение на Здружението.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 28 март кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив е и нашата држава.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година, Часот на планетата Земја се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.