Цензурата на срцето...

Кога ти и јас ќе се сретнеме после толку време, ќе зборуваме за некои убави, паметни и потполно неважни работи. Нема да ти кажам дека ти ме болеше повеќе од кој било после тебе. Нема да ти кажам дека после тебе немаше никој.

Нема да ти кажам дека ти беше моја тајна, моја осаменост во тивките ноќи. Никогаш нема да дознаеш дека секој твој збор, сите твоите малку глупави шеги и обиди за филозофски размисли ги чував длабоко во срцето. Никогаш нема да дознаеш дека јас вдишував се што е твое, чувајќи ги за кризни денови, кога тебе те немаше.

И денес е еден од тие денови.
Те нема, а како да си тука. Те нема, а јас како да те чувствувам. Повторно.

Никогаш во потполност не беше мој. Сепак, јас не обврнував внимание на тоа се додека изгледаше толку убаво и насмеано. Не обврнував внимание на тоа дека можеби никогаш повеќе нема да бидеш нечиј, па ни мој. Не обврнував внимание на тоа дека можеби никогаш не успеа да ја преболиш и дека помислата на нејзиното предавство се уште ти го мати умот.

Можеби на момент, ама само на момент, помислив на тоа. Но, таа одвратна и болна мисла ја турнав на страна и одлучив да уживам во моментот. Не претпоставував колку тој момент подоцна ќе ме боли.

Мислев дека човек најмногу се кае за тоа што не го направил, а не за она што го направил. Тоа барем го велат сите големи умови... но, тоа не е вистина.

Го направив тоа, се заљубив во тене, иако најверојатно не требаше. Се препуштив на тоа чувство кое како да ми велеше да продолжам, да не се откажувам. Го послушав тој внатрешен глас кој тивко, но мошне убедливо ми налагаше да се препуштам. Да не бегам од твоите допири.

А сакав.

Од самиот почеток сакав да се скријам или да побегам што подалеку. Не порекнувам дека сум кукавица. Но, тој кукавички чин би ме спасил од ова низ коешто сега поминувам. Ќе ме спасеше од болка и недоумици. Ќе ме спасеше од сомнежи дека после се ти го чувствуваш истото што и јас. Ќе ме спасеше од помислата дека јас сум за тебе само бледа сенка на она што таа беше. Ќе ме спасеше од очајничкиот страв дека твоето срце и припаѓа само на неа и после се.

Никогаш нема да го почувствуваш тој вртлог од чувства кој ти го предизвика во мене. Никогаш нема да го сфатиш хаосот кој владееше во мојата глава кога ти ми пријде, на само сантиметар од мене. Никогаш нема да дознаеш колку силно ми биеше срцето тогаш кога твоето дело го допре моето. Ниту пак лудачката возбуда која ја почувствува кога за првпат ни се споија усните.

Не ни очекувам да го сфатиш тоа треперење кое ти го предизвика, ниту пак морниците кои ми проаѓаа низ телото, поттикнати од твоите дланки. Дланките кои така несвесно и речиси незабележливо ја допираа мојата половина.

Тој допир...

Со ноќи го сонував. Сега само се прашувам дали тоа беше само сон. Дали ти си само сон? Дали таа ноќ беше сон, совршена илузија?

Ако беше, сакам повторно да ги одсонувам тие допири. Ако беше, сакам повторно да те сонувам, до крајот на животот. Ако беше, ги повикувам и боговите и ѓаволите ако можат да ми ја вратат таа ноќ.

И тоа чувство...твојот допир... и тоа прободување во градите... тука, од левата страна... не ми дава мир.

Ме буди секоја ноќ, во глуво доба, дури и кога духовите од бајките спијат. Ме буди секоја ноќ и секоја ноќ одново ме убива, кога сфаќам дека не си покрај мене. Тоа беше само сон. Смири се, диши. Се уверувам себеси во тоа. Ја користам сета моја сила да го убедам моето срце во тоа. За конечно да се смири...

Ама не сака и тоа е тоа...

Тоа трепери, се мрда и болува. Не му дава на сонот да ги затвори сонливите очи. Тогаш месечината останува единствена утеха. Во нејзиниот сјај одеднаш гледам блесок. Блесокот од твоите очи. Тогаш така, во очај, полека тонам во сон.

Се до следната ноќ, кога демоните повторно се враќаат...

Кога ти и јас ќе се сретнеме после толку време, ќе зборуваме за некои убави, паметни и потполно неважни работи. Нема да ти кажам дека ти ме болеше повеќе од кој било после тебе. Нема да ти кажам дека после тебе немаше никој...

  • Марија Михајловиќ