Центар: Субвенции ќе има за соларни панели, печки на пелети, енергетски фасади, кровови, лифтови

Рекордно најмногу пари се предвидени за здрава животна средина во буџетот на општина Центар за 2018 година кој е во завршни подготовки и се очекува да се донесе во идната среда.

Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека при кроењето на буџетската каса се водело сметка за интересите на жителите, нивните барања и приоритети.

– Досега рекордни 12 милиони и 150.000 денари ќе се одвојат за реконструкција и одржување на зеленилото. Планирана е изградба на нови паркови. Ќе засадуваме оформени дрвја и веќе сме во преговори за наредна година на територија на Центар да обезбедиме над 5.000 дрвја кои ќе бидат засадени на повеќе локации – вели Богдановиќ.

Прифатен е предлогот на коалицијата О2 за субвенционирање на печки за пелети со 6 милиони денари.

– Греењето е најголем загадувач, и затоа општина Центар заедно со БЕГ започна со подготовки на инфраструктурни проекти со цел во населбата Маџир Маало да се постави топлификациона мрежа за да се замени постојниот систем на греење на дрва и на други горива. Веќе се започнати разговори за започнување на гасификација на општината – нагласува Богдановиќ.

Предвидени се 2 милиони денари за соларни панели, 40,9 милиони денари за енергетски фасади, за субвенционирање за реконструкција на кровови 5 милиони, за лифтови 3 милиони, а за монтажни паркинзи 44 милиони денари.

– Преку донации обезбедени се прочистувачи на воздух во три градинки. Сите објекти на градинките и сите основни општински училишта ќе бидат обезбедени со прочистувачи. Во периодот што претстои очекуваме неколку пилот проекти за зелени фасади и поставување на зелени кровови таму каде што има можности – напоменува градоначалникот.

Исто така, општина Центар и оваа година, како и претходните четири, ќе продолжи со стимулирање на граѓаните за да купуваат и користат велосипеди и за ова ќе се одвојат 2,8 милиони денари.