Центар подготвува дводневна програма за навивачите за фудбалскиот натпревар меѓу „Манчестер Јунајтед" и „Реал Мадрид"

Општина Центар подготвува дводневна програма за навивачите кои ќе го следат фудбалскиот натпревар меѓу „Манчестер Јунајтед" и „Реал Мадрид" во рамки на Супер купот на УЕФА.

На 7 и 8 август, со почеток во 12 часот на улиците „Боемска" 1 и 2 ќе бидат поставени видео-бимови и озвучување. За навивачите пред натпреварот е предвиден турнир во фудбалче на маса.

Публиката ќе може на бимовите да проследи делови од најдобрите натпревари меѓу двата клуба и ќе може да учествува во коментаторски натпревар. Најуспешните коментатори на последните три минути од натпреварот ќе добијат награди.

Дел од програмата се и жонглерите со топки и шминкерите кои ќе ги цртаат лицата на навивачите во боите на тимовите. Навивачите ќе може да купат брендирани навивачки реквизити, а ќе настапат и наши познати диџеи.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски се сретнал со амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија Чарлс Гарет и му ја презентирал програмата. Жерновски ги поканил амбасадорите на Шпанија и на Велика Британија заедно со нивните семејства и со навивачите да го проследат натпреварот на Боемската улица.