Центар ќе го ограничи сообраќајот во делови од општината

Сообраќајниот и урбаниот хаос, проблемот со паркирањето, преголемата висина на објектите се едни од проблемите во општина Центар за чие решавање одговор бараа советниците и претседателот на Советот, Јана Белчева-Андреевска.

Надлежните служби од Oпштината, како што информираат вчера оттаму, предлагаат измени во Законот со кои општината ќе може да прави технички прием и инспекција во текот на целото градење. Со измените се бара и можност доколку е тоа во јавен интерес, да може да се намали габаритот на градбите со носење на нови ДУП-ови.

На прашањето од советниците за забрана на сообраќај на одредени улици, градоначалникот Саша Богдановиќ појасни дека мора да се направи сообраќаен проект кој ќе биде прифатен од надлежните.

- Ќе работиме на решенија да се намали или избегне сообраќајот секаде каде е тоа можно. Општина Центар во 2012 година донесе 20 урбанистички планови, потоа беше донесен и Генералниот Урбанистички План (ГУП) и од тогаш се јавуваат главните проблеми во Центар. Со двата мораториуми кои ги изгласа Советот, ќе се добие јасна слика што и како е градено за да не се повторуваат истите грешки во новите Детални Урбанистички Планови, рекол Богдановиќ.