Цената на становите во Скопје во благо опаѓање

По умереното зголемување на цената на становите во главниот град во првото тримесечје годинава, периодот април-јуни носи минимален пад на вредноста на овој вид недвижности. Според Кварталниот извештај на Народната банка (НБРМ), индексот на цените забележал годишно намалување од 0,5%. Од НБРМ посочуваат дека минатата година било забележано стабилизирање на цените на становите во метрополата.

„Имајќи предвид дека во текот на претходната година, кај цените на недвижностите беа забележани мали поместувања во различна насока, тешко е да се заклучи дали оваа промена е од постојан или од привремен карактер“ се наведува во извештајот. Во делот на понудата и побарувачката на станови, нема позначителни промени. Кај изградбата на станбени згради и понатаму се забележува двоцифрена стапка на раст, која во првиот квартал од 2016 година изнесувала 19%. Слична е состојбата и кај издадените одобренија за градење на станбени објекти.

Во поглед на побарувачката на станови, од Народната банка посочуваат дека опстојува постојаниот солиден раст на станбени кредити и во вториот квартал од 2016 година, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката за овој вид недвижности од страна на граѓаните.

Во соработка со Build.mk.