Цената на нафтата продолжува да паѓа

По вчерашното опоравување, цените на нафтата повторно паднаа, а азиските берзи влегоа во „црвено“, бидејќи инвеститорите се сомневаат дека ќе се постигне нафтен договор меѓу Саудиска Арабија и Русија, како што најави американскиот претседател Доналд Трамп.

Американската нафта WTI падна за 1,14 долари или 4,5 отсто на 24,18 долари за барел на азиското тргување, по што вчера скокна за рекордни 24,7 проценти.

Цената на фјучерси на северноморската нафта „брент“ падна за 0,70 долари или 2,67 отсто на 29,24 долари..

Поради пандемијата на коронавирус, што го зголемува ризикот од продолжен глобален економски пад, инвеститорите продолжија да бараат сигурност во американскиот долар и државните обврзници.

Трамп претходно изјави дека разговарал со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и дека очекува Саудиска Арабија и Русија да го намалат производството на нафта за дури 10 до 15 милиони барели, бидејќи и двете земји изразија подготвеност да се договорат.