Царовска апелира до работниците да пријават злоупотреба на минимална плата

Над 90 проценти од работодавачите исплаќаат минимална плата, а малиот интерес за субвенционирање на истата најверојатно е резултат на можноста на компаниите тоа да го направат без помош на државата, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Според неа има информации за злоупотреби, односно за барања работниците да им вратат дел од средствата на работодавачите, но затоа тие треба да се охрабрат, да пријават за да можеме да преземеме мерки.

– Ова не само што е прекршок, туку е и кривично дело од работникот да земате пари назад во кеш или да исплаќате плата на рака. Ги замолувам сите работници да се охрабрат и конечно да ја завршиме таа работа за злоупотреба на работната сила во компаниите. Јас искрено ќе стојам позади секој работник кој ќе пријави ваква злоупотреба или непочитување на законот, рече Царовска.

Малиот број барања за финансиска помош од државата за исплата на минималната плата, вели, е согласно нивните предвидувања дека фирмите имаат капацитет да исплатат плата од 12.000 денари.

– За да не се направи паника, сепак, понудивме и буџетска поддршка, но гледате дека таа не се искористува. Можеби им треба период за адаптација, имаат уште многу време да ја користат, можеби наредниот месец ќе се пријават за субвенција, можеби чекаат да видат и државата како ќе постапува кон оние кои бараат буџетска поддршка во однос на исплатата на минимална плата… Мислам дека компаниите треба да се ослободат, таа буџетска поддршка е за нив и треба да ја искористат и не треба да се плашат од ништо, рече Царовска.

Таа појасни дека имала средба со претставници на кожарската индустрија кои посочиле дека исплаќаат минимална плата, но оти тоа им преставува проблем поради тоа што продажните цени на нивните производи веќе биле однапред утврдени и не можеле да ги менуваат.