Бутарис: Туристите кога слетуваат во Солун мислат дека се во Скопје

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“.

- Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам да размислиме за тоа бидејќи името Македонија го подели светот, нѐ подели нас и од тоа сите губиме - рече Бутарис во изјава за грчката ТВ Скај.

Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните. Како дополнителна причина за преименување на аеродромот, истакнува солунскиот градоначалник, е тоа што туристите кога слетуваат во Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.

Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и сѐ поголемото турско влијание во регионот.

Оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.

- Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО - изјави Бутарис.