Буџетот го усвоивте, ама граѓанскиот гнев допрва ве чека

- Денеска Владата го усвои буџетот за 2020, 3.9 милијарди евра. Ни предлог-буџет видовме, ни усвоениов ќе го видиме додека не се смилуваат да го објават. Кој сме ние па да знаеме, што прават и како ги планираат НАШИТЕ пари? Некако постојано го забораваат тој факт и функционерите мислат дека се работи за нивни, крваво заработени пари, па дискреционо право, реагираат од граѓанската иницијатива О2 кои го побарале предлог-буџетот на Министерство за животна средина и просторно планирање, но не го добиле.

За водовод, канализација, гасовод, пречистителни станици, депонии, и уште многу други ставки заедно се предвидени 5 милијарди денари, а за министерство за одбрана 10.

- Значи катастрофалната состојба со загадување, на воздух, на почва, на води, депонииве што ни горат низ цела земја, отпадов во кој се давиме, историскиот опшасен отпад, жешките точки, исечените и опожарени шуми, заштита на природата, таа што останала, за оваа Влада не е ни приближно важна како интеграцијата во НАТО. Илјадниците смртни случаи поради загадувањето, заболените, нека се множат и понатака. Оваа војна свесно ја губиме, ама некоја си имагинарна идна и/или туѓа е многу побитна, велат од О2 и додаваат дека буџетот го усвоиле, но граѓанскиот гнев допрва ги чека.