Бон-тон правила кои треба да ги знаете доколку налетате на вашите поранешни партнери!

Знаете како велат: „Некогаш градот е преголем кога сакаш да сретнеш некој, а премал кога сакаш да избегнеш некого.“ По раскинувањето,  поранешните партнери се трудат што е можно почесто да се избегнуваат, за да избегнат непријатни ситуација, срамење, плеткање на јазикот и слично. Но, не може вечно да се избегнувате. Некогаш ќе морате да се сретнете, односно да налетате еден на друг. Што тогаш?

Во тие моменти некогаш не размислуваме рационално, па затоа послушајте барем некој од овие совети и ќе поминете лесно и ако ништо друго целата средба нема да биде толку непријатна.

Бидете изненадени

Без разлика на тоа дали сте очекувале да се сретнете или не, сепак ставете маска на изненаденост. И насмевнете се и поздравете се. Нека ви биде мило што сте налетале еден на друг, но не бидете и превозбудени.

Без иронија

Дури и да сте биле најнесреќни со него и раскинувањето било лошо, сепак воздржете се од буцкање и провокации. Да, понекогаш сакаме да и покажеме на другата страна што изгубила, но ако бидете безобразни, ќе го постигнете спротивниот ефект. Освен тоа, со љубезноста покажувате дека сте продолжиле понатаму. Спротивно од љубовта не е омразата, туку рамнодушноста.

Не лажете

Имате милион заеднички познаници, па затоа не се трудете да измислувате возбудливи авантури и случки само за да изгледа дека имате откачен живот. Вистината лесно може да излезе на површина и со тоа само ќе бидете изложени на потсмев. Ако сакате да го прикажете вашиот живот во поубаво светло, зборувајте за позитивните работи во вашиот живот кои навистина ви се случуваат.

Не се спуштајте на нивно ниво

Ако случајно се безобразни или цинични, не се спуштајте на тоа ниво и едноставно бидете достоинствени. На тој начин, тие нема да го добијат тоа што го сакаат и плус ќе се чувствуваат лошо.

Внимавајте со алкохолот

Ова е многу ризично. Ако претерате, можете премногу да се опуштите и работите можат да тргнат во погрешна насока за многу кратко време. И тоа можат да тргнат во неколку лоши насоки, а утредента ќе се чувствувате ужасно.

Не дозволувајте да ве испровоцираат

Правете се дека не ги слушате обидите за духовитост на ваша сметка или провокациите и буцкањата. Нивната намера е да ве испровоцираат и да добијат реакција, така што највеќе ќе ги изнервирате ако ги игнорирате.