Бомба во најава: Вардар го враќа најдоброто - Дарко Панчев

Бомба во најава! Дарко Панчев е пред промоција на функцијата спортски директор на ФК Вардар. Најтрофејниот клуб во земјава ги отвора вратите за најголемото фудбалско име кое го имаат „црвено-црните“. „Македонски спорт“ дознава дека преговорите за враќањето на Дарко Панчев во Вардар се во завршна фаза и дека за многу брзо време оваа наша информација треба да биде и официјализирана од структурите на клубот.

Позицијата спортски директор на Вардар остана празна откако Гоце Седлоски стана тренер на тимот, а претходно беше на споменатата позиција. Две години Вардар нема спортски директор така што сега е одлучено дека токму најдобриот фудбалер на Македонија за минатиот век би бил идеално решение.

ПОДАРОК ЗА 70. РОДЕНДЕН НА ВАРДАР
Ангажманот на Дарко Панчев во ФК Вардар се планира да биде роденденски подарок за сите симпатизери на „црвено-црното“ семејство. Оваа 2017 година е јубилејна за актуелниот шампион. На 22 јули клубот ќе го прослави 70. роденден, а пролетва ќе се одбележи и 30 години од златната генерација на која лидер ѝ беше токму Дарко Панчев. Генерацијата која во 1987 година стана првак на СФР Југославија и ја претставуваше нашата тогашна држава во КЕШ (Купот на европските шампиони). Дарко Панчев несомнено е најголемото име на Вардар и најпознатиот производ на клубот од Скопје. Фудбалерот кој стана и златна копачка на Европа, но и првак на Стариот Континент и планетата, но во боите на Црвена Звезда.

„КОБРА“ ВИДЕН ВО КАМПОТ НА КЛУБОТ
Популарната „Кобра“, како што го нарекуваат Дарко Панчев, деновиве бил виден во кампот на Вардар за млади фудбалери кој е непосредно до „Телеком арената“. Бил во друштво со челниците на клубот Мирко Спасески и Самоил Симев. На Панчев му биле презентирани сите капацитети со кои располага Вардар. Обидот за ангажманот на Дарко Панчев во клубот е желба на првиот човек Сергеј Самсоненко.