Богата програма за овогодинешното јубилејно издание на OFFEST

Петнаесетто по ред издание на OFF-Fes. фестивалот, кој во организација на Скопскиот џез фестивал ќе се одржи од 27 до 30 мај, ќе ги однесе слушателите на магично музичко патување низ пространствата на Африка, Северна и Јужна Америка и Европа. Раскошната програма на OFF-Fest оваа година ќе претстави седум извонредни изведувачи и групи: пионерот на „french touch“, светскиот џез-хаус хитмејкер St Germain, неприкосновениот крал на поезијата и рапот, американецот Saul Williams, легендата на „хајлајф“ Pat Thomas & Kwashibu Area Band, глобалните португалски денс-херои Batida, страствените италијанци Canzoniere Grecanico Salentino, шармантната чешка виолинистка и пејачка Iva Bittova и виртуозната гитаристка и пејачка, бразилката Badi Assad.

Пејачката и виолинистка Ива Битова е една од ретките чешки уметници што уживаат меѓународна кариера. Неодоливата привлечност, оригиналниот вокал и наклонетоста кон израз што се наоѓа на границата помеѓу авангардата и детските мелодии, на Ива Битова ѝ донесоа посветени фанови од целиот свет. Низ годините таа е активна во повеќе музички жанрови – од џез, преку идиосинкретичен фолк и рок до современа класика, импровизација и опера. Гласот е само еден од квалитетите што ги поседува Битова: во својата изведба таа се движи помеѓу говор и пеење, во простор каде што звуците добиваат интуитивни боења што го поместуваат значењето нагоре надаолу на траекторијата на радоста и на тагата. Виолината, од друга страна пак, е огледало што ги рефлектира нејзините соништа и имагинации. Ива Битова долго време е една од најоригиналните појави во современата музика, а нејзиното дело и стил сè уште ѝ се противат на каква било прецизна жанровска дефиниција. Односот помеѓу вокалот и виолината на Битова е фокус на уметничкото истражување на нејзините албуми, кои ја изразуваат суштината на еден извонредно оригинален соло-израз.

Дваесет години по „Boulevard“, популарниот деби-албум, и петнаесет години по наградуваниот „Tourist“, албумот што го прослави низ целиот свет, Лудовик Навар акаSt Germain одлучува да нè изненади. Пионерот на „french touch“ и творецот на интелигентна, сензуална и оригинална дип-хаус, џез и лаунџ-музика, St Germain е познат по својата извонредна способност на суптилен начин да ги комбинира акустичните инструменти со електрониката, автентичните музички корени со модерните влијанија. По цели петнаесет години, џез-хаус хитмејкерот се посвети на истражување на музиката на Западна Африка, барајќи ја врската помеѓу африканската традиционална музика и блузот, особено во творештвото на визионерот на Мали, гитарската легенда Али Фарка Туре. Резултат на ова е истоимениот албум од 2015 година, издание што ги носи слушателите на единствено и возбудливо музичко патување. Снимен со учество на некои од најдобрите африкански музичари и пејачи од Мали и од Сенегал, албумот ги комбинира традиционалните инструменти кора, балафон и нгони со електрични гитари, клавијатури, саксофони и електронски семплови, според единствена тајна формула што може да ја осмисли само St Germain.

Роден во Њуберг, Њујорк, САД во 1972 година, Сол Вилијамс се смета за моќен глас на хип-хоп генерацијата како поет, актер, рапер, пејач, писател и музичар. Иако уметничките определби на Сол Вилијамс се многубројни и разновидни, тој се прославува преку поезија во средината на 90-тите години, кога издава неколку поетски збирки и албуми. Оттогаш неговиот фокус останува непроменет, особено во користењето револуционерни стихови со цел ја потсети публиката дека личното е всушност политичко. Пробивот на музичката сцена Вилијамс го остварува со деби-албумот „Amethyst Rock Star“ од 2001 година. На почетокот на оваа година, тој го издаде својот петти студиски албум со предизвикувачки наслов „Martyr Loser King“. Општествено ангажираните стихови на него се протест против полициската бруталност, контролата на владата и економските разлики во целиот свет. „Martyr Lose King“ ја раскажува приказната за истоимениот измислен лик, рудар од Бурунди кој станува хакер и дига револуција преку својот компјутер. Својата прогресивна поезија на ова издание Вилијамс ја соединува со меланхолични мелодии врз електронска палета на полиритми и жестоки крешенда, правејќи хибрид на рап, танц, панк.

Batida е сценското име на Педро Кокенао, радио, видео и музички продуцент роден во Ангола, а израснат во предградијата на Лисабон. Како модерен и динамичен проект што влече корени од минатото, Batida комбинира семплови на анголски песни од 1970-тите години, со модерни електронски денс-влијанија. Музиката, која е почетната точка на Batida е збогатена со графика, фотографија и видео со силен општествен и политички коментар. Иако „кудорото“ (стил на анголска електронска музика) не е директно поврзан со традиционалната музика на земјата, тој е длабоко вкоренет во музиката на Batida. Batida е реинтерпретација на музичкото минато на Ангола пренесено во денешно време. Неверојатните и енергични настапи на Batida вклучуваат танчери, перкусионисти, видеопроекции и фотографии од улиците на Ангола, војната и фрагменти од животот на племенските заедници. Најновиот албум на Batida „Dois” (2014) е инспириран од мултикултурната синтеза на Лисабон и уметниците што Batida ги запознава низ годините, како и од искуствата здобиени на патувањата во Луанда и во Најроби.

Постојат времиња кога светот има потреба од прекрасна музика, а ова е секако тоа време. Мал број музички жанрови можат да предизвикаат насмевка на лицето на слушателот како што тоа го прави музиката „хајлајф“, а само неколку претставници на овој стил имаат уникатно моќен и длабок, а истовремено и „свилен“ вокал како „златниот глас на Африка“ и „првата рок-ѕвезда на Гана“, легендарниот Пет Томас. Редовен соработник на Ебо Тејлор, Пет Томас беше столбот на африканската хајлфајф, афро-бит и афро-поп сцена во Гана во седумдесетите и во осумдесетите години од минатиот век, кога постигна огромен успех со бендот „Sweet Beans“. Иако хајлајфот е жанр познат по одлични пејачи, уникатниот вокален стил на Пет Томас остана негов заштитен знак повеќе од четири децении. Новиот албум на Томас, „Pat Thomas & Kwashibu Area Band” (Strut Records, 2015) одбележува педесет години негова креативна работа. На него тој соработува со неколку свои стари пријатели: Ебо Тејлор во улога на аранжер, Тони Ален како гостин на тапани на неколку песни, Осеи Туту на соло-труба, како и извонредниот басист Ралф Карикари. На албумот се наоѓаат и неколку нови аранжмани на оригиналните класици на Томас од 1980-тите години: „Gyae Su“, „Odoo Adada“ и „Mewo Akoma“.

Бади Асад е уникатна појава на бразилската музичка сцена. Позната по својот „авантуризам“, особено по спојот на класичниот гитарски израз со елементи на препарирана гитара, Бади Асад ја комбинира виртуозноста на инструменталната изведба со специфична вокална техника на говорна и на пеана лирика, вокални перкусии и ефекти. Квалитетот на нејзината музика кај слушателите предизвикува чувство на воздишка и на вчудовиденост на способноста да комбинира повеќе звучни аспекти во единствен музички ентитет. Во својот најнов албум „Hatched” од 2015 година, Бади Асад оди онаму каде што не била претходно. Нејзиниот репертоар ги пренесува американските популарни песни во бразилските пространства. Повеќето од композициите се релативно неконвенционални и во бразилски дух, без притоа да бидат претерано „бразилски“. Пристапот на Бади Асад кон музиката, музичкото наследство и кон популарниот идиом е умешна мешавина на временска двосмисленост и уникатна емоционална прецизност. На секоја песна таа ѝ дава лебдечки, етерични, деликатни финеси што без сомнение ќе го шармираат слушателот.

Светската музичка сцена изминативе години познава мал број успешни и невообичаени приказни како што е онаа на Canzoniere Grecanico Salentino. Од доцните 1970-ти години, групата од полуостровот Саленто на италијанскиот јужен регион Пуља создаде огромна меѓународна фан-база, настапувајќи на бројни сцени низ светот – од „Womad“ преку „Womex“ и „Sziget“, до некои од најпознатите светски етно фестивали. Звучното јадро на CGS е pizzica taranta, ритмички моќен и убедлив транс-фолк стил, чие потекло води векови наназад во Саленто, каде што пициката имала улога на исцелувачка ритуална музика. Се играла со цел да ги излечи жртвите од tarantismo, состојба на физичка и на емотивна болка предизвикана од отровниот убод на тарантулата. Иако се мала група составена од виолина, мала хармоника, дајре и вокали, „каснатите“ членови на CGS музицираат до „лудило“, сè додека не се онесвестат, „прочистени“ од убодот на пајакот. CGS ја изведуваат pizzica taranta со жар и со хипнотичка страст. Предводени од виолинистот Мауро Дуранте, CGS создаваат див спектакл, полн со енергија, страст и неверојатен танц, ширејќи ги ритмите на Пуља низ целиот свет.

Во рамките на петнаесеттото издание ќе биде прикажан и документарниот филм „Кој е хајлајф?“ (Who is Highlife?), чија проекција во недела, 29 мај во 20 часот во Киното Фросина ќе биде бесплатна за посетителите. Јубилејот на фестивалот ќе биде пригодно одбележан и со мултимедијална изложба која ќе ги претстави најзначајните моменти од петнаесетгодишната историја на ОФФ-Фест. Отворањето на изложбата е закажано за 27 мај, пред настапот на Ива Битова, во галеријата на Младинскиот културен центар, а посетителите ќе можат да ја погледнат до завршувањето на фестивалот, односно до 30 мај.