„Блуз и соул фестивалот 2016“ во Скопје

Американскиот блуз и соул вокалист Тери Еванс, еден од најстарите блуз бендови во регионот „Raw Hide“, блуз-рок гитаристот Били Мерзиотис и еден од најатрактивните млади гитаристи на американската блуз-рок сцена Рајан Мек Гарви се гости на годинашниот „Blues&soul фестивал“, што ќе се одржи од 18 до 21 септември во Скопје.

Фестивалот  е во организација на Дирекцијата за култура и уметност Скопје. Отворањето е на 18 септември во Сити хол.

Програмскиот селектор Васја Ивановски истакна дека фестивалот нуди интересна, разновидна и пред се, како што рече, квалитетна програма каде секој љубител на оваа музика може да се пронајде.

– Фестивалот слави 20 години постоење и ниту еден град во регионот не може да се пофали со толку голем број фестивали како Скопје. Изминативе години донесовме репрезентативни имиња од светската музичка сцена, од кои некои се добитници на Греми награди, па така исклучок нема да биде ниту годинашното 21. издание, чија приказна почна далечната 1996 година, изјави Ивановски.

На годинашниот фестивал за разлика од претходните изданија нема македонски изведувачи.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје и Американската амбасада во Скопје.