Бев тука за секоја тага и радост на моите пријатели, но денес никој не ја забележува тагата во моите очи

Се будам со нервоза, анксиозност и тага кои никогаш не биле дел од мојот живот. Можеби другите мислат дека имам сè во животот, можеби и имам, но немам мир. 

Носам огромна дупка во себе, немам волја, не знам каде ме носи иднината, немам никаква  надеж, но никој од моите блиски не го забележува тоа. Кога се обидувам да спомнам за тоа, тие ме прекинуваат и велат ќе помине.

Сигурно е дека ќе помине, нема секогаш да биде вака, но сега е така. Тоа е она што ми се случува сега. Секогаш имав ведрина во себе, што и да се случеше имав оптимизам, често ме прашуваа како успевам во тоа. Ме прашуваа за совети, бев тука за сите мои пријатели – за сите нивни успеси и радости, за сите таги и скршени срца, за изгубени шанси и порази.

Денеска, имам само осаменост. Сами утра, сами вечера. Не ги интересира премногу низ што поминувам. По 1-2 пораки во текот на денот, сите се зафатени. 

Кога бев тука за нив, кога бев нивното рамо за плачење и 24-часовна поддршка во текот на денот, никогаш не мислев дека ќе сакам нешто за возврат. За тоа се пријателите, не можеме на вага да ги ставаме работите. Не вагам ни денес, не сакам а го правам тоа, но не сакав да биде вака, не очекував.

За нив сум силната личност која има добар љубовен живот, добра работа, семејство и многу пријатели. Денеска сфаќам дека баш и немам добри пријатели. 

Немам кому да се јавам за кино и изложба, за топло чоколадо  и искрен разговор, за ништо. 

Имам само лајкови и мемиња на социјалните мрежи, имам модерен живот и модерни пријатели. Имам сè, но немам ништо.