Бесплатен здрав оброк за ученици од прво до петто одделение

Бесплатен здрав оброк за ученици од прво до петто одделение во сите општини каде ќе победи градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и каде партијата ќе има мнозинство во советот,  вети пред струмичани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“.

- Со овој проект ќе обезбедиме бесплатен здрав оброк во училиштата. Придобивките се повеќекратни, децата добиваат секојдневно здрава храна, што е важно за нивното здравје и создавање добри навики за користење на производи кои се корисни за нивниот развој, истакна Груевски.

Менито, рече тој, ќе биде подготвено во соработка со нутриционисти и прилагодено на возраста на децата. Ќе се избегнува користење на т..н. брза храна.

- Директно се помага домашниот буџет на секое младо семејство, а родителите имаат заштеди од околу 600 денари месечно за едно дете или за цела учебна година околу 5.400 денари. Ако има две деца, заштедите се двојно поголеми. Во училиштата во кои е предвидена целодневна настава родителите ќе имаат значајно пониски трошоци во однос на сегашните, само ќе доплаќаат за вториот оброк во текот на денот, додека првиот оброк ќе биде бесплатен, рече Груевски.

Тој додаде дека согласно финансиските можности на општините во текот на четиригодишниот мандат ќе работат на тоа овој проект да се прошири и на повисоките одделенија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред присутните граѓани рече дека остануваат уште само неколку дена и мигот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне. Tој на граѓаните им порача дека нивната одлука е многу важна и конечна бидејќи тие го имаат последниот збор.