Бегство од градскиот метеж: Македонија во мало на падините на Водно

На околу 10 километри од ценатрот на Скопје, на падините на Водно, спроти манастирот „Св. Пантелејмон“ се наоѓа комплексот „Македонско село“. Комплексот беше отворен кон крајот на јуни, и за кратко време стана омилена дестинација на скопјани за бегство од градскиот метеж и од топлото време.

Шетајќи ни етно селото заприметивме дека секоја од куќите е разубавена со розови цвекиња. Седнавме на терасата, со поглед кон Скопје.

Тргнавме да ги разгледуваме куќите. Селските куќи се изградени по ликот на куќите од различни географски подрачја на Македонија и тоа: куќа од Битола, Велес, Прилеп, Галичник, Рекански крај , Кратовска, Беровска, куќа од Делчево, Куманово, Тетово и од Скопска црна гора. Етно амбиентот е надополнет со занаетчиски работилници каде гостите можат да се запознаат со традиционалните занаети карактеристични за македонското поднебје. Но, кога бевме таму беа отворени само три работилници.

Се упативме кон скопско црногорската куќа, која делуваше како во неа да домува некој.На чардакот распослана јамболлија и черги во разни бои.

Од тетеовската куќа се упативме кон битолската. И таа преполна со гости. Во неа се наоѓа грнчарската работилница. Вработената им го обајснуваше процесот на создавање производи.Оние кои се заинтересирани самите да направат нешто со помош на занаетчијата, можат тоа да го сторат. Кога бевме, вработената им дозволуваше на посетителите да ги сликаат грнињата кои веќе беа направени. Има производи кои се за продажба. Бевме и во музејот. Таму има носии од сите краишта на Македонија.

Туристичка атракција

Откако го прошетавме селото заклучивме дека идејата да се собере македонската традиција и култура на едно место, да се пренесе духот на македонските села на површина од 12.000 м2, одлично е реализирана со изградбата на  „Македонското село“.Во него може да се види Македонија во мало, нејзината историја, традиција, архитектура, култура и да се ужива во македонската кујна. Кога се шета човек низ селото се чувствува како да е дел од некоја бајка. Скопје несомнено доби туристичка атракција која ќе намами многу гости како од Македонија така и од странство.

Доколку немате автомобил до Македонското село можете да стигне со автобусот со број 28 кој трега од Транспортен центар до „Македонско село“ на Водно.