Беџети: Заев ми се јави да влијаам во Судскиот совет за смена на судија

Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, го обвини премиерот Зоран Заев дека му се јавил и побарал од него да влијае врз членовите на Судскиот совет за менување судија. Тој на денешната прес-конференција поврзана со дивоградбите на Матка рече дека врз него се врши политички притисок и дека антикорупциската комисија отворила предмет против него без правен основ.

„Јас барањето на премиерот Заев го одбив и за две недели по тој повик се јави антикорупциска, која за мене е корумпирана комисија, и покрена постапка за мене“ , рече Беџети.

Беџети тврди дека освен од Заев, добивал повици и од градоначалникот Шилегов за да урне една од дивоградбите на Матка, а со другите да продолжи со градење. Притисоците не ги пријавил во МВР ниту во обвинителството бидејќи бил на одмор, а не се пожалил ниту кај лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Градоначалникот Беџети најави дека ќе поднесе тужби против членовите на антикорупциската комисија за злоупотреба на службената положба.