АВРМ објави огласи за три мерки од оперативниот план за вработување

Невработените лица и работодавачите од денеска можат да конкурираат за користење на мерките: „обука за стекнување вештини од областа на банкарството“, „практикантство“ и „субвенционирање плати“ за кои објави огласи Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) согласно Оперативниот план за годинава.

Со мерката „обука за стекнување на вештини од областа на банкарството“  ќе бидат опфатени 100 лица.   Може да аплицираат невработени евидентирани во АВРМ со најмалку средно образование со поднесување пријава во центарите за вработување за учество во еден од шестте понудени модули.  Право на учество во мерката ќе имаат лицата кои ќе бидат најдобро рангирани на квалификацискиот испит  што ќе го спроведе Академија за банкарство и информатичка технологија (АБИТ). Ако има поголем број кандидати предност при изборот ќе имаат оние кои први поднеле пријава. Лицата кои ќе посетат најмалку 70 проценти од предвидените часови ќе се стекнат со уверение за посетеност на обуката, се наведува во огласот на АВРМ.
„Практиканство“, пак, е мерка за невработени млади до 29 години и невработени до 34 години евидентирани во АВРМ со најмалку средно образование без работно искуство, кои може да апицираат за учество во тримесечна или шестмесечна практична работа. Избраните кандидати  месечно ќе добиваат по 9.000 денари (со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување) за периодот за кој ја извршуваат практичната работа.

Кандидатите за мерката „субвенционирање плати“ кои ќе бидат избрани за вработување од работодавачите по претходно интервју, месечно од АВРМ ќе добиваат по 19.000 денари  за период од 3, 6 или 12 месеци, од кои 18.000 денари се субвенција на платата на вработенотолице и 1.000 денари за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. Работодавачот може на работникот да му исплати и повисока плата.

„Субвенционирање плати“ е мерка која се однесува на невработени  евидентирани во АВРМ кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот. Нејзини корисници може да бидат долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција), млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, корисници на социјална помош или на паричен надомест по основ на невработеност, корисници на Програмата условен паричен надоместок за средно образование, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа.

Со оваа мерка до вработување може да дојдат и жртви на семејно насилство, инвалидни лица, жени припадници на помалите етнички заедници, припадници на ромската етничка заедница, самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, родители на три и повеќе деца, родители на деца на улица, осудени лица по отпуштање од казнено поправна установа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога и лица со незавршено средни или пониско образование...

Доколку работодавачот користи субвенционирање за три месеци има обврска да го задржи на работа анагажираното лице уште шест месеци, ако субвенциите се за шест месеци дополнителниот ангажман е една година, а ако субвенцијата е за 12 месеци тогаш дополнително треба да го вработи уште година и половина.