Асфалт мазен како писта - автопатот Демир Капија - Смоквица скоро готов (видео)

Мајка на сите проекти - така го вика автопатот Демир Капија – Смоквица дел од градежниот тим кој од прв ден на изградбата е на терен, пренесува Телеграф.

Кај Демир Капија, на самиот влез за новиот автопат, е првиот тунел – впрочем два посебни тунела во двете насоки го отвораат новиот автопат кон Смоквица. Внатре се комплетно готови, а меѓу себе, поради безбедност, се поврзани со посебни помали тунели.

Третиот и четвртиот мост се најголемите мостови досега изградени во Македонија. Третиот е долг 450 метри, а висок е дури 60 метри. Откако ќе се помине, доаѓа и вториот тунел.

На патот кај клучката Миравци е оставен простор и за изградба на бензинска пумпа или за некој друг објект, од двете страни. Моментно поактивно се работи на крајот на делницата каде што автопатот се спојува со постојниот пат, кај Смоквица.

Ширината на делницата е 25,6 метри, со по две ленти за возење, една за застанување и средиштен зелен појас широк 3 метри. Возењето по неа ќе го скрати патот по Коридорот за десетина минути, а патниците ќе ја избегнат Демиркаписката Клисура низ која всушност поминува магистрален пат со помала сигурност од автопатот кој сега е изграден.