Арсовски: Шекеринска вмешана во сомнителен тендер, каде што постои сомнеж за проневера на 250.000 евра

Радмила Шекеринска е вмешана уште во еден сомнителен тендер, каде што постои сомнеж за проневера на буџетот од над 250.000 евра, обвини Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, рече тој, Радмила Шекеринска како министер во Министерството за одбрана преку јавна набавка набавила две тешки машини „грејдери“ за потребите на Армијата на Република Македонија во вредност од 464.853 евра, односно една машина од овие „грејдери“ има вредност од 232.426 евра.

„Машините се набавени од српската компанија ‘Корковадо’, инаку се работи за машини од кинеско производство, како што реков, за потребите на Армијата на Република Македонија. Ова не би било ништо спорно доколку истата машина од истата компанија ‘Корковадо’ во Србија, по неколку месеци, не ѝ била продадена преку јавна набавка на српска институција во вредност од 108.000 евра, односно за половина сума помалку од онаа што ја платила Радмила Шекеринска. Значи, една машина ‘грејдер’, модел ‘ГР 1605’ во Србија чини 108.000 евра, а Радмила Шекеринска во Македонија го набавува за 232.426 евра“, рече Арсовски.

Според него, очигледна е разликата од 132.000 евра од машина или вкупно 264.000 евра за двете машини, кои никој не знае каде завршиле.

„Со ова Радмила Шекеринска го има оштетено буџетот на Република Македонија повеќе од 250.000 евра. Прашањето е, ако се знае дека Радмила Шекеринска има сериозни бизнис-релации во Србија, поточно во Белград, преку свој близок од потесното семејство, каде завршиле овие над 250.000 евра разлика во тендерот што се на некој начин проневерени? Дали овие над 250.000 евра завршиле во нечиј џеб? Ова мора да се дознае и јавноста ги чека овие одговори од Радмила Шекеринска“, рече Арсовски.

Тој рече дека Јавното обвинителство треба да отвори случај по овој сомнеж и да го истражи до крај.