Анте Поповски: Еве ја таа проста земја од грч и од чекање што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски

11 Октомври е датум кој останува врежан во македонската историја. На тој ден,  борците ги кренаа пушките в рака и тргнаа во поход кон слобода. Така беа поставени темелите на АСНОМ и формирањето на тогашна Социјалистичка Република Македонија.

Денеска, споделуваме една од најубавите македонски песни. 

Македонија – Анте Поповски

Еве ја таа проста земја од дволичен камен
и сонце
децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи

По градините.
Еве ја таа земја од пајажина и од води
Мудро слободата кај што ги запишува селските
имиња

Место икони по црквите
И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат.
Еве ја таа проста земја од заморено дишење
и од молк

Низ која времето одминува и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.
О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на
македонски

А никој не ја знае.