„Анима мунди“ и другите здруженија бараат Владата да го спречи најавениот отстрел на диви свињи

Седумнаесет здруженија за заштита на животните бараат од Владата да го отповика и спречи најавениот отстрел на диви свињи, како дел од мерките за превенција од болеста африканска чума.

Тие посочуваат дека „животните не се предмети за да се уништуваат, туку свесни, интелегентни суштества”, осудувајќи го субвенционирањето на, како што велат, „масовниот колеж на домашните, питоми свињи и комплетен отстрел на дивите по планините”.

Здруженијата образложуваат дека болеста африканска чума не е опасна по луѓето и бараат поддршка од членството, граѓаните, итно да се отповикаат овие мерки и да се применат мерките што ги применуваат во соседството.

Здруженијата кои го упатија апелот до Владата се: Анима Мунди; Гласот на животните- Велес; Мали Херои – Битола; Animal world, Струга; Daisy family rescue; Шепасти Ентузијасти, Анималиа – Охрид; Angelcats sanctuary; ЕДЕН; Срце за животните – Тиквеш; Saving Ohrid Strays; Cat Shelter Meow Paws; Живот – Штип; Про Анима –Берово; Иницијатива „Лајка”, Охрид/Струга; Здружение за заштита на животни ARC – Animal Rescue & Care – Битола; Ние за Животните, Куманово.

Како дел од мерките што Владата ги донесе против појава и ширење на болеста се отстрел на диви свињи, уништување на питомите свињи кои не се под биосигурносен надзор и засилени царински контроли на граничните премини за да се спречи неконтролирано внесување свинско месо.