Анализа: На што се должи малата вработеност на жените во однос на мажите?

Вработеноста во Република Македонија се карактеризира со многу неповолна полова структура.Иако жените се пообразовани од мажите, нивниот процент од вкупниот број на вработини во Македонија изнесува само 22, 5 отсто.

На што се должи ваквата неповолна состојба кога е во прашање родовата еднаквост, одговор се обидоа да дадат Институтот за комуникациски студии од Македонија и Институтот Изида Вита од Словенија.

- Сакавме да дознаеме кои се причините за тоа и дали големите и средните компании во Македонија се свесни за овие факти. А ако се, кои мерки и активности ги преземаат за да ја исправат неправдата, велат истражувачите.

Овие институти, во текот на месеците мај и јуни, спроведоа истражување на кое поканија 1200 компании, а учество земаа повеќе од 300.

Родовата еднаквост важна за креативните процеси во компанијата

Првичните резултати од истражувањето покажуваат дека повеќе од 98 проценти го познаваат терминот родова еднаквост. За 75 отсто од испитаниците родовата еднаквост е многу важна, но 2,6% сметаат дека таа воопшто не е важна.

Само 54 проценти сметаат дека родовата рамноправност влијае на ефективните бизнис перформанси, а 46 проценти се изјасниле дека таа е важна за  финансиски поефикасни перформанси на компанијата
За 65 проценти од испитаниците, родовата рамноправност е важна за креативните процеси на компанијата, а ист е процентот на оние кои сметаат дека таа е важна за поетичното однесување. Мал број, односно само 42 отсто мислат дека ист број вработени мажи и жени во една компанија ќе значи и помал ризик во процесот на донесување одлуки.

Само 14 проценти сметаат дека соодносот маж- жена треба да биде една третина

Досега, различни истражувања покажаа дека една третина од високиот менаџмент треба да бидат жени (мажи), балансиран менаџмент, за да се постигнат најефикасни, ефективни, етички и успешни компании, како и висок степен на вклученост на вработените.

Во истражувањето спроведено од дадат Институтот за комуникациски студии од Македонија и Институтот Изида Вита од Словенија, само 14 проценти го дале точниот одговор, односно сметаат дека соодносот меѓу мажите и жените во високиот менаџмент,  треба да биде една третина проценти.

Речиси 12 проценти  мислат дека една жена (маж) е доволно за да се воспостави родово балансиран менаџмент. Три проценти се убедени дека треба да биде една петина, а  5,6 отсто мислат дека треба да биде една четвртина. Над 65 проценти сметаат дека треба да биде една половина.

- Мислиме дека е добра вест тоа што над 26 проценти веќе се обиделе да преземат една или повеќе активности за зголемување на родово балансираниот менаџмент во компаниите, а 14 отсто планираат да го сторат истото. Тоа остава простор за подобрување и следење на комуникацијата, со речиси 60 проценти кои немаат воведено ниту една активност за родово балансиран менаџмент и не планираат да го направат тоа, велат истражувачите.

Неповолна полова структура во вработеноста во Македонија

Вработеноста во Република Македонија се карактеризира со многу неповолна полова структура. Оваа структура е непроменета во еден подолг временски период, пред сè, поради нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд. Стапката на вработеност во Република Македонија во 2015 година кај жените изнесува 33.7 и е значително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 50.5. Стапката на невработеност кај жените изнесува 25.1, а кај мажите 26.7. Стапката на активност кај жените е пониска и изнесува 44.9, а забележливо е повисока кај мажите и изнесува 68.9.

Ирена Радовановиќ / МИА