Алаѓозовски: Спомениците нема да се рушат зимава за да не го зголемат загадувањето

Министерот за Култура, Роберт Алаѓозовски на пратеничко прашање до каде е ревизијата на проектот „Скопје 2014“ година одговори дека приоритет е да се врати културата во сегашноста, истакнувајќи дека приоритет се живата култура и заштитата на културното наследство.

Но, тој истакнал дека анализата на проектот „Скопје 2014“ сепак продлжува.

-Вирусот „Скопје 2014“ е ставен во карантин и го замрзнавме. Се прави темелна стручна анализа за овој контроверзен проект, бидејќи се работи за голем број на објекти и споменици, измешани се надлежностите, па на сите им се пристапува поединечно. Еден од првите изготвени елаборати е за споменикот на Ќосето и за уште три градби, а се продолжува и понатаму, рече министерот Алаѓозовски.

Министерот засега не одговори кои споменици ќе се дислоцираат или рушат.

-Препораките најчесто се да се изврши дислокација на овие објекти, но треба да бидеме претпазливи, и тоа да биде согласно законите, за да не се создаде дополнителна штета на Буџетот. Покренувањата на сценаријата за отстранување ги покренуваат и безбедносните аспекти. Во овој период, кога имаме голема загаденост на воздухот, таква акција не би била паментна, бидејќи ќе се ослободат штетни честички, што дополнително ќе го загадат воздухот, а го испитуваме и подземниот катастар, заради безбедноста, истакна министерот.

Треба да се земе и забелешката на СЈО, бидејќи дел од спомениците се материјален доказ за евентуална кривична одговорност.

-Штом ќе имаме доволно докази ќе поднесеме и тужби за лоцирање на евентуалната одговорност до функцунери кој дозволиле да се прават злоупотреби под параванот на национализам, рече Алаѓозаовски.