Агенцијата за филм на последниот конкурс за филмски проекти даде поддршка на вкупно 17 филма

Агенцијата за филм на последниот конкурс за филмски проекти даде поддршка на вкупно 17 филма, меѓу кои 3 долгометражни играни филмови, 5 долгометражни копродукциски проекти со македонски малцински удел, 2 документарни долгометражни филмови, 5 краткометражни играни филмови, и по 1 краткометражен документарен и анимиран филм.

Во соопштението се наведува дека пристигнале вкупно 73 филмски проекти, меѓу кои 48 долгометражни и 25 краткометражни филмови. При процесот на административна селекција било констатирано дека 12 проекти по различни основи не ги исполнуваат условите за да влезат во процесот на евалуација.

„Другите проекти се евалуирани низ процесот пропишан со Правилникот  за поблиските критериуми и мерила за оцена на критериумите за финансирање  филмски проекти од национален интерес во филмската дејност (Сл.весник на РМ, бр.97 од 26.06.2014 г.) и врз основа на бодувањето односно освојувањето на минимумот пред професионалните рецензенти не поминаа 26 апликации, вклучувајќи долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови“, пишува во соопштението.

Другите го поминале целиот процес на проценка, и од нив со крајна одлука од Управниот одбор се одобрени и ќе ја добијат поддршката од Агенцијата 3 долгометражни играни филмови, 5 долгометражни копродукциски проекти со македонски малцински удел, 2 документарни долгометражни филмови, 5 краткометражни играни филмови, и по 1 краткометражен документарен и анимиран филм.

„Со задоволство можеме да констатираме дека најавените засилени критериуми според кои ќе се оценуваат филмските проекти, а во насока на подобрување на квалитетот и успехот на македонската кинематографија, меѓу авторите и продуцентите се забележува продуктивен креативен потенцијал, доминираат современи теми кои можат да бидат препознатливи и допадливи и на домашната и на светската публика. Нагласените историски и локални теми кои го забавија развојот на нашата кинематографија, овој пат не беа премногу застапени и евидентно авторите секој според својот афинитет и сензибилитет, слободно се изразува и осмислува сценарија што можат да комуницираат со европската и светската публика. Се напушта и мегаломанскиот начин на формирање на буџетите, и ги стимулираме продуцентите во рамките на расположливиот буџет да креираат солидни и добри филмски остварувања“, соопштуваат од Агенцијата.

Исто така велат дека меѓу проектите што отпаднале „бездруго има такви кои ја заслужуваат шансата да снимаат, но овој пат, и во рамките на буџетот го одобривме максимумот. Веќе до крајот на месецов ќе биде отворен следниот конкурс на кој ги очекуваме и овие кои ќе ја пробаат новата можност, но и се разбира и други автори и продукции“.

Информираат дека меѓу насловите што ја добиле поддршката има веќе проверени режисерски и продуцентски имиња но и дебитанти што се „позитивно изненадување за македонската кинематографија“.

Насловите на филмските проекти кои се поддржани со одлука на Управен одбор бр.02-145/3 од 24.01.2018г. може да се најдете на следниот линк од официјалната страница http://www.filmfund.gov.mk/Programmes/Projects-approved-at-the-2017-Call-for-Funding-the-production-of-feature-films-documentary-films-short-and-animation-films/?lang=mk