355 милиони евра за 730 илјади граѓани за поголема потрошувачка

Со 355 милиони евра што треба да стасаат до 730 илјади граѓани, преку различни мерки, Владата планира во наредниот период да ја поттикне приватната и јавната потрошувачка и да ѝ помогне на домашната економија да закрепне во периодот на враќање во нормала по кризата со коронавирусот.

Третиот пакет економски мерки што го претстави вчера Владата ќе се реализира преку платежни картички и ваучери за социјално ранливи категории, невработени, млади, со цел да се поттикне приватната потрошувачка, како и преку директна поддршка на македонското стопанство  и одделно за земјоделците. Пакетот опфаќа и награда за лекарите и медицинскиот персонал и инфективните одделенија во износ од 20 отсто од основната плата за два месеца.

„Третиот сет мерки се краткорочни и среднорочни мерки за македонската економија, заштитата, промоцијата и растот на домашната економска понуда. Сите три пакети во својот фокус ги имаа граѓаните на нашата земја, нивните работни места, социјална сигурност за полесно надминување на економските последици од коронавирусот“, рече премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција на која беше претставен третиот сет мерки.

Во првиот столб од третиот пакет се воведуваат платежни картички за граѓаните за поголема потрошувачка за развој на домашните економски дејности. Околу 100.000 граѓани ќе добијат платежни картички од 9.000 денари и тие ќе бидат достапни за сите невработени, приматели на гарантирана минимална помош. Со нив ќе се поттикнува купување домашни производи и услуги.  Предвидено е и 100.000 граѓани да добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и и домашна платежна картичка од 3.000 денари, со цел јакнење на домашниот туризам. Таа мерка ќе можат да ја користат сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари и немаат други приходи. Ваучерот ќе може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети.

За околу 100 илјади млади се предвидени повеќе видови помош со 120 милиони евра. Тие ќе може да добијат парична поддршка до 6.000 денари за покривање партицијпација на факултет или за сместување во ученички или студентски домови, како и платежна картичка од 3.000 денари и картички и ваучери за обуки во ИТ секторот и партиципација за универзитет и за сместување во ученички и студентски домови.

Поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги.

Со третиот пакет економски мерки се воведува и викенд без ДДВ за сите граѓани, преку поевтини цени за граѓаните. Целта е да се поттикне потрошувачката и растот на приходи во одредени продажни сектори како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги. Владата по тој основ очекува дополнителен прихгод од 20 милиони евра.  Ќе се исплаќа и паричен надомест за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април годинава. За стопанството  ќе има нови бескаматни кредити преку Развојната банка, во вредност од 31 милион евра – поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот. Со оваа кредитна линија ќе се овозможи 30 отсто неповратни средства за компании водени или основани од жени или кои вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење.

Се овозможува и државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на старт ап и мали и микро компании. Државата става на располагање финансиски средства од 125 милиони евра на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит. Со гаранција за обезбедување на царински долг, пак, Владата планира да го поддржи извозот и да го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.

Најавени се и нови 25 милиони евра за приватниот сектор – за нови пазари, конкурентност и модернизација, а со милион евра ќе им се помогне на текстилните компании да креираат дигитална платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари.

Новиот пакет предвидува и нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село, како и финансиска помош од 245 илјади евра на компаниите преку субвенционирање на 50 отсто од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари,

За поддршка на аграрниот сектор, пак, се предвидени пет милиони евра преку Развојната банка, со кои ќе се поддржат микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи. Се зголемува од 30 на 50 отсто износот на субвенциите за зелената нафта за земјоделците и се планирани 4,6 милиони евра.

Од окрупнување на земјоделско земјиште со што Владата планира да го стави во функција целокупното земјоделско земјиште како и да го поттикне домашното земјоделско производство и новите инвестиции во овој сектор се очекуваат приходи од 250 милиони евра во следните три години и зголема конкурентност.

Со три милиони евра треба да се овозможи финансирање на Страт ап семејни винарии и фарми на кои ќе им бидат достапни грантови до 10.000 евра за опрема за преработка но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи. За модернизација на земјоделството е предвиден кредит од 50 милиони евра преку Светска банка.