100 семејства во Центар добија парична помош, бебешки производи и бесплатни услуги

Во новото општинско основно училиште „Киро Глигоров“, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска ги подели решенијата за еднократна парична помош за новороденче во висина од 7000 денари на 100 семејства од општината.

Општина Центар редовно ги доделува овие средства, на новороденчиња чии родители се жители на општината, а од оваа година остварува соработка со општествено одговорни компании и здруженија, кои на овие семејства, покрај општинската помош, им донираат и пакет производи и услуги.

Ова е трет пат годинава на доделување на парична помош за новороденчиња, а во акцијата се вклучени „Еурофарм“, „Веледа“, „Астера“, компанијата за бебешка храна и производи „Хип“ и ПЗУ „Жан Митрев“ Скопје. Градоначалникот Богдановиќ изрази благодарност до компаниите за производите и услугите, напоменувајќи дека овој пример на добра соработка и општествена одговорност треба да го следат и други компании и општини во државата.

Согласно Правилникот за добивање на парична помош за новороденче, потребно е да се поднесе барање, а во прилог да се достават на увид фотокопија од важечки лични карти или пасош за лична идентификација со адреса на живеење или престојување во Општина Центар, фотокопија од извод од Матична книга на родените за новороденчето и фотокопија од трансакциска сметка на барателот на оваа помош. Рокот за поднесување на барањето е 6 месеци од денот на раѓањето на новороденчето